Речиси половината од 90 прилепчани од изутрината досега ја примија својата прва вакцина на вакцина за Прилеп во првата тура се обезбедени 900 вакцини. Вакцинацијата се одвива непречено во Здравствениот дом, термините се исполнети за граѓаните кои се вакцинираат над 77-годишна возраст.

Осумдесетгодишната Елена Житошанска е меѓу првите кои денеска се вакцинираа. Нема проблеми, вели и препорачува, побрзо да се вакцинираат помладите, пред постарите.

– Порано ми закажа матичниот лекар и еве, имам среќа на првиот ден да се вакцинирам. Одеше брзо, ме прашаа дали имам температура, дали примам некои лекови, а кој не прима на мојава возраст. Се си кажав и убаво е. Нема никаков проблеми како што викаат. Син ми ме прашува дали ме болеше. Јас велам: не, бре, синко, ништо не ми е. Ми дадоа совет – можно е да те боли, можеби малку температура, ама да не се плашиш, во ред е. Немам гајле, им велам. Треба да се вакцинираме, а јас велам – треба прво помладите зашто ние никаде не одиме од дома. Тие може да пренесат, ама како што решиле, вели Елена Житошанска.

Кети Смилеска, директор на градската болница со општа надлежност во Прилеп потврдува дека интересот е голем и сите што се пријавиле над 77 години, се вакцинираат.

– Вакцинацијата тече непречено, нема никакви проблеми. Според информациите што ги имам сите се добро. Денеска ќе се вакцинираат 90 граѓани, работи еден вакцинален пункт, но вакцинацијата е како за на два пункта. Кај граѓаните видлива е надежта дека ќе се вакцинираат и ќе се заштитат. Сите добро се чувствуваат, обезбедено им е да престојуваат во просториите 15-ина минути. Вакцинацијата ќе се одвива континуирано додека има дози, изјави Смилеска.

Нора Тасеска, матичен лекар и претседател на прилепското здружение на матичните лекари вели дека интересот е голем. Само 10 насто од пријавените возрасни пациенти се откажале од вакцинација но поради коморбидитети, примаат терапија и не смеат сега да се вакцинираат.

– Сите што изразија желба да се вакцинираат, ние ги закажавме. Интересот е голем, а откажаа само оние кои според состојбите не може да се вакцинираат. На пример, јас закажав 50 пациенти, а 10 откажаа. од различни причини: акутно заболување во моментов, со тромбофлебитис каде не е препорачана вакцинација. Се анкетирани пациенти над 70 години, но во првиов момент се вакцинираат над 77 години. Како лекар на сите пациенти и сограѓани им препорачувам да се вакцинираат зашто лек друг нема. И додека комплетно не бидат вакцинирани, да ја одржуваат заштитата, маска, растојание, да нема семејни собири. И сите, ако имаат некој несакан ефект, веднаш да пријават, вели Тасеска.

Инаку, во прилепската болница речиси сите капацитети се исполнети за хоспитализација, има уште четири слободни кревети, а во петок ќе биде пуштена во употреба модуларната болница која нуди капацитет од 35 легла. Во петте ковид-оддел се хоспитализирани 120 пациенти, од кои 90 се на кислородна поддршка.