Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, коментирајќи го најновиот извештај на Стејт департментот, изјави денес дека „американската влада може да критикува, но треба да знае дека нејзината критика вреди колку и нејзината подготвеност да го примени она што го бара од другите и врз себе”, јави дописникот на МИА од Белград.

-Земја во која Сенатот се брани и по цена на животот на демонстрантите, не треба да бара од српската полиција да не го брани своето Собрание. Влада на земја во која расните конфликти се масовни и случајните злосторства од омраза се секојдневие, не треба со толку леснотија да ја обвинува Србија за злосторства од омраза, изјави Вулин, соопштија од Движењето на Социјалистите,чиј претседател е тој.

Вулин истакна дека „Србија е слободна земја и ја води слободен човек”.

-Моќни сте и големи, можете да нè клеветите и да нè уништите, можете да го соборите Вучиќ и да донесете некоја слаба личност која ќе воведе санкции кон Русија и Кина, ќе го признае Косово, ќе ја напушти Република Српска, можете со сила да ни донесете власт, но не можете да не принудите и да ја избереме таа власт. Ние не сме сила, но не сме ниту лицемери, изави српскиот министер на полицијата.

Србија и Црна Гора се земји кои во 2020 година се обележани со значителни предизвици во областа на човековите права, се наведува во заклучоците од извештајот на американскиот Стејт департмент.

Во делот од документот за Србија, кој опфаќа утврдување на состојбата во значителен број области – нотирани се сериозни ограничувања на слободата на изразување, вклучително и насилство, закани за насилство и неоправдани апсења и гонења на новинари.