Институтот за јавно здравје позитивно ја оцени работата на ЈП „Водовод” покажува извештајот доставен до кумановското претпријатие. Кумановци пијат безбедна и квалитетна вода, резултатите од лабораторијата се регистрираат и во дневници и дигитално, соопштија, денеска надлежните од претпријатието.
– На филтер станицата во изминатите години извршени се повеќе интервенции со цел на подобрување и осовременување на работата во пречистување на водата. Бунарското одделение е реновирано со нови керамички плочки, пластични капаци и прозорци, со што е зголемено нивото на хигиена во објектот каде се пречистува водата. Реновирана е и хлоринаторската станица каде што исто се подобрени условите за работа и хигиената во објектот. Опремата и пумпите се редовно сервисирани, а изработени се и нови фундаменти за дел од нив, по дадена спецификација од стручни лица од страна на сервисерот, изјави директорот на ЈП „Водовод”, Горан Стојковски.
Во станицата набавена е инсталирана нова опрема од Европската инвестициона банка и од сопствени средства на претпријатието. Во фабриката за пречистување на води инсталиран е комплетен SCADA систем за унапредување и следење на функционирање на работата и за следење на состојбата со водоснабдувањето во градот (следење на протоците на вода, состојбата на резервоарите за вода како и самото функционирање на филтер станицата). Заменети се кварцниот песок, командните пултови и се имплементирани во SCADA системот, старите водомери во Фабриката за преработка на вода, Бедиње и во Митев Мост. Оваа опрема е финансирана од Европската Инвестициона Банка и Министерството за транспорт и врски.
– Истовремено, со свои средства ЈП Водовод Куманово инвестираше во комплетно нови пумпи во дренажниот систем Бедиње, како и во нова, најсовремена хлоринаторска станица, чија изведба е во тек, а во план е и замена на 42 пневматски вентили со Ф100 – Ф250 кои се во функција на пречистувањето на водата, додава Стојковски.
Како препораки во извештајот се наведена стручна и научна дообука на персоналот, потреба од обезбедување финансиски средства за замена на 42 вентили во фабриката, се задолжува АД Водостопанство да известува за интервенции на доводниот цевковод до филер станицата и да изработи елаборат за заштитни зони околу акумулациите Липково и Глажња чија вода се користи за водоснабдување на населението од Куманово.