Претседателот на Американската трговска комора во Бугарија, Оливие Маркет, денеска на средбата со премиерот Бојко Борисов го пофали дека со завршувањето на неговиот мандат на Бугарија и обезбедил политичка стабилност, што е многу важно за деловната заедница, јави дописникот на МИА од Софија.
Маркет посебно го истакна стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, развиено во последниве години, и ја истакна посетата на премиерот Борисов на Белата куќа во 2019 година. Претседателот на Американската трговска комора истакна дека е направено многу за креирање бизнис во Бугарија и верува дека тоа ќе продолжи.
Од своја страна, премиерот Бојко Борисов рече дека трговијата меѓу Бугарија и САД надмина милијарда долари во 2020 година. Според него, трговијата меѓу Бугарија и САД минатата година се зголемила за 7,5 отсто во споредба со 2019 година и достигнала речиси 1,1 милијарда долари.
-Нашите трговски, економски и финансиски односи се зголемуваат, рече бугарскиот премиер Борисов.