Во Здравствениот дом „Доктор Светозар Чочоровски" во Вевчани денеска се вакцинирани 20 пациенти со над 77 години, кои се пријавиле за имунизација преку „Мој термин".

Директорот на установата Јован Стојковски побара спуштање на старосната граница од 77 на 75 години, бидејќи на нивната територија има 50-тина пациенти од овој тип. Го повика населението на имунизација, бидејќи, како што рече, само така ќе ја надминеме пандемијата со коронавирусот.

– Да бидеме одговорни кон себе и кон нашите блиски. Единствен начин да се победи пандемијата е масовната вакцинација. Вакцините се безбедни и ефикасни. Да се имунизираме и да ги почитуваме закажаните термини за апликација, порача Стојковски.

Во Здравствениот дом во Вевчани имуниацијата се одвива на еден вакцинален пункт, но согласно потребите и новите количини вакцини ќе отворат пунктови во селата Велешта и Лабуништа.