Во Кичево и Македонски Брод денеска започна имунизацијата на најстарото население против Ковид-19. Вакцинацијата на првата група во Македонски Брод е веќе завршена а термините за вакцинирање во понеделник и вторник се целосно зафатени.
-Денеска ја започнавме имунизацијата на најстарите жители на Македонски Брод против Ковид-19 со британската вакцина Астра Зенека. За денеска беше предвидено 10 наши сограѓани да ја примат првата вакцина. Оваа бројка целосно е исполнета и сите што ја примија вакцината немаа влошени симптоми после инектирањето. Најстариот пациент кој ја прими вакцината имаше 87 години, додека најмладиот беше на возраст од 79 години. Од понеделник дневно ќе бидат вакцинирани по 20 постари граѓани, колку што има резервирано во „Мој термин“, рече д-р Жарко Симески, директор во Здравствен дом Македонски Брод.
Во Општина Пласница пак, сите оние кои се пријавија во „Мој термин“ ја откажаа вакцинацијата, потврди д-р Емануела Белулоска, доктор во општинската амбуланта.
-Во нашата општина денеска нема вакцинирано постари жители, бидејќи сите оние кои се пријавија и резервираа „Мој термин“ ја откажаа вакцинацијата а како образложение наведоа дека не би сакале да се вакцинираат со британската вакцина на Астра Зенека и ќе ги причекаат вакцините на Фајзер и кинеската Синофарм, нагласи д-р Белулоска.
И во Кичево започна вакцинацијата против Ковид-19 а истата ја спроведуваат тимови од Здравствениот дом.
Додека една група граѓани ја примаат вакцината против Ковид-19, друга поголема група денеска беше примена во кичевската општа болница со влошена здравствена состојба и во животна опасност.
-Во нашата болница секојдневно бројот на новозаболени е во пораст. Колку се зачестени случаите со Ковид-19 потврдува и фактот што од 12 тестирани утринава дури 11 се позитивни, што претходните денови, недели и месеци не беше случај. Смртноста кај инфицираните е се поголема и за неполни 18 часа имаме три смртни случаи, од кои и едно помладо лице на возраст од педесетина години. Ако се задржи овој тренд, тогаш во нашата Општа болница за кратко време ќе бидат исполнети сите капацитети со кои моментално располагаме, истакна д-р Неџат Балажи, началник на одделн во кичевската Општа болница.