Првиот ден од процесот на имунизација на населенито против Ковид – 19 во Здравствениот дом во Ресен тече без никакви проблеми, информира директорката на установата Сања Андоновска.
Од закажаните 20 пациенти, преку „Мој термин“, според неа, досега биле вакцинирани 18 лица, а во наредните термини очекува дека ќе се имунизираат и останатите двајца.
– Вакцинацијата во Ресен почна денеска. До овој момент вакцинирани се 18-мина, очекувам дека и другите две лица ќе дојдат во предвидениот термин, изјави Андоновска за МИА.
Како што кажа, пополнети се 20-те предвидени термини за в понеделник, а целна група за имунизација се лицата над 77 години и хронично болни.
– Ќе продолжиме со имунизацијата и од понеделник, за кога се пополнети сите термини. Очекуваме интересот да остане и во наредниот период со цел масовна имунизација на населението од Ковид 19, истакна Андоновска.
Процесот на имунизација во Здравствен дом – Ресен се одвива на еден пункт од страна на два медицински тима. Пациентите треба да закажат преку матичните лекари преку системот „Мој термин“ и со себе да носат документ за лична идентификација.
– На болните, тешко подвижните и неподвижните, вакцинацијата може да се спроведе во домашни услови или во возилото пред вакциналниот пункт. За ова треба да бидат информирани матичните лекари или вакциналниот тим, информира директорката.
Здравствен дом – Ресен доби 100 дози од вакцината „Астра зенека“