Со зголемување на бројот на новозаразени во општините Дебар и Центар Жупа, расте и бројот на оние на кои им е неопходен болнички третман.
Моментно во Ковид центарот во инфективното одделение при Општата болница во Дебар болнички се лекуваат 12 пациенти, сите на кислородна подршка, што е пет пациенти повеќе, споредено со пред три дена.
-Се уште имаме слободни болнички легла, бидејќи одделението располага со 20 легла. На дневна терапија, односно амбулантски се лекуваат во просек по десетина лица, кои по добиената терапија малку одмараат и заминуваат дома а за преглед дневно има по петнаесеттина лица, изјави за МИА Баки Алили, директор на болницата.
Во последните два дена на ова подрачје опасниот вирус е потврден кај 12 лица а денеска се очекуваат резултати од 14 тестови.
По одредено затишје, кога на крајот од минатиот и почетокот на овој месец во ковид центарот немаше хоспитализирани, а бројот на оние кои се јавуваа за дневна терапија беше минимален, инциденцата почна да расте од средината на минатиот месец.
Официјалната статистика потврдува дека во март се регистрирани 62 нови случаи или вкупно до сега 859, закрепнале 49 (вкупно 766), додека починало едно лице или 38 до сега. Активни на болеста се 55 лица.
Полициската статистика, пак, потврдува дека во последните два дена издадени се 19 прекршочни платни налози за непочитување на мерката за носење заштитна маска, односно 177 во текот на март.