Заради зголемената потреба од легло за сместување лица заболени од корона-вирусот, пациентите од Одделението за нервни заболувања во Општата болница во Охрид се префрлени во Одделението за урологија.
Директорот на болницата Горан Балевски појасни дека сега на Нервното одделение се хоспитализираат ковид-пациенти, со што се добиени дополнителни 20-ина кревети.
– Модуларната болница е целосно пополнета, таму се сместени 51 пациент, а полни се и дополнителните контејнери од модуларната болница. Вкупно сега имаме хоспитализирани 110 пациенти од најразлична возраст, од кои неколку со мошне тешка клиничка слика. На кислородна поддршка се околу 80 пациенти, изјави Балевски, додавајќи дека дневно за потребите од кислородна поддршка се трошат и по 160 боци кислород.
Според Балевски, состојбата е загрижувачка оттаму што во болницата има и пациенти што во установата се и по 25 дена.
– Доколку продолжи тенденцијата на зголемување на бројот лица со потреби од болничко сместување, ќе мора да се размислува дел од нив да бидат префрлани и во Специјалната болница за ортопедски и трауматолошки заболувања „Св.Еразмо“.
Балевски повторно упати апел до населението на совесност и почитување на мерките за справување со предизвикот наметнат од епидемијата со Ковид-19.