Согласно вчера распишаниот конкурс на Министерството за образование и наука за упис на ученици во прва година во средно образование, за учебната 2021/22, во четирите средни училишта во Велес има вкупно 780 слободни места што е помалку за 231 споредено со оваа учебна година кога имаше вкупно 1 011. Ланската учебна година беа 1 088 ,и така за жал, секоја нова учебна година МОН оценува дека има потреба да се распишат помалку слободни места, а таа проценка е врз основа на се помалиот број на завршени деветооделенци во градот и реонот, велат за МИА надлежните за образование при Општина Велес кои раководат со велешките основни и средни училишта.
Така во Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес во наредната учебна 2021/2022 година ќе има една паралелка помалку споредено со оваа тековна учебна. Оваа учебна година се шест паралелки од кои пет на македонски и една на албански наставен јазик, а во наредната ќе бидат пет од кои една на албански наставен јазик.
Во Економското училиште „Јовче Тесличков“ во наредната учебна година ќе има само три паралелки, а годинава се едвај четири со минимум ученици во секоја паралелка или вкупно се 46 ученика во прва година. Од Општина Велес информираат дека ако има интерес во Економска и во наредната учебна година ќе има четири паралелки. Но, за жал ова реномирано училиште во земјава, последниве години поради се помалиот број на ученици за економските струки, мака мачи да формира паралелки.
Во ССОУ „Коле Неделковски“ кое е од електро и машинската струка и годинава како и лани ќе има десет паралелки со слободни 322 места во прва година. Таму голем интерес има и за двете дуални паралелки во кои наставата се изведува со настава и пракса и во третата које е комбинирана паралелка, но и во останатите струки.
Во хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ како и оваа и во наредната учебна година ќе се запишат 186 ученика во шест паралелки, а посебен интерес таму има за медицинската и фармацевтската струка како медицински лабораторискo- санитарен техничар / физиотерапевтски техничар / гинеколошко- акушерска сестра.
Првото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 14, 15, 16 и 17 јуни 2021 година. Ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 17 јуни 2021 година.