Претседателот на косовското Собрание Глаук Коњуфца вели дека во регионот нема да има мир и стабилност сè додека Србија не ја признае независноста на Косово и злосторствата кои ги има починето врз косовското население во војната од 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешното чествување кај Меморијалот на страдалниците во селото Резала во Србица (Скендерај), Коњуфца рече дека Косово не смее да прифати никаков компромис со Србија кога е во прашање основата на државата, која, како што рече, „е натопена со крвта на косовските страдалници“.

Во селото каде што на денешен ден 1999 година беа убиени 98 цивили Албанци, меѓу кои голем број деца и старци, спикерот на косовското Собрание порача дека „жртвата на косовскиот народ е во темелите на институциите на државата“.

„Србија е таа што е прекриена со масовни гробници на убиени Албанци во војната во 1998-99 година од страна на државните, воените и паравоените сили на Србија. Од Батајница до Крижевац, како и во Рудница и Рашка, Србија е преполна со масовни гробници на Албанците, кои намерно ги крие, а тоа е повеќекратно злосторство“, изјави Коњуфца.

Тој вели дека станува збор за масакри извршени во Косово, а подоцна убиените биле пренесувани и криени низ разни локации во Србија на организиран начин од страна на државата, па дури има и закани од актуелните власти кон оние кои ќе се осмелат да ги откријат масовните гробници.

„Затоа, сѐ што ни останува е да кажеме дека нема да има мир и стабилност во регионот без да ги признае Србија овие злосторства, без да се дистанцира од тие државни злосторства кои ги има извршено и без да ја признае независноста на Косово, порача Коњуфца.

Почести по повод годишнината од масакрот во Резала изразија и новата косовска претседателка Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, како и други личности од јавниот живот и поранешни водачи на Осслоботиелната војска на Косово (ОВК)