Во општина Гевгелија со третиот корона-бран се бележат најмногу заразени и заболени лица од почетокот на пандемијата. Бројките од ИЈЗ покажуваат дека само изминатиов месец од корона-вирусот во општинава се заразиле 656 лица, а починале 19.
Споредено со 2020 година, кога вкупно биле инфицирани 1.166 лица, а починале 19, годинава само во месец март се заразиле скоро половина од вкупно заразените лани, а починале исто 19 лица колку што починале во цела 2020 година. Во општината моментно се активни 410 случаи, а од почетокот на пандемијата како заразени се водат вкупно 1.896 лица.
Епидемиологот Сашко Олумчев и лекарите од гевгелиската ковид болница сметаат дека високиот број на заразени пациенти и случаи со смртен исход се должи пред се на непочитувањето на превентивните мерки, честите групирања како и на брзата трансмисија на британскиот сој на вирусот.
Енормниот наплив на пациенти го отежна и функционирањето на општата болница во Гевгелија која има ограничен број на капацитети за нивно згрижување.