Се уште е висок процентот на новозаболени во однос на тестирани во Кичево. Ова денеска го изјави д-р Неџат Балажи од Општата болница во Кичево.
-Изминативе три недели откако и во нашиот град доминантна бројка на новозаболени е со британскиот, мутиран сој на коронавирусот, односот на тестирани и новозаболени е многу висок.Така денеска само до 10 часот од 23 тестирани граѓани кај 17 од нив беше потврдено присуството на коронавирусот, а тоа се потврди и кај пациентите кои беа на рендген и кај нив над 70 проценти имаат индиции на Ковид-19. Секојдневниот притисок на новозаболени во нашата болница е најдобар доказ за се потешката состојба со коронавирусот во која се наоѓаме, истакна д-р Балажи. Тој наведе дека и понатами се зголемува бројот на хоспитализирани и лица со потешка клиничка слика и на кислородна подршка.
-Според притисокот што е присутен во нашата болница од новозаболени, треба да бидеме подготвени и за брз пораст на згрижени во модуларниот ковид центар, каде денеска имаме 35 пациенти, од кои над 60 проценти се со потешка и многу тешка клиничка слика и на кислородна подршка. Во моментов имаме 10 слободни кревети и ако продолжи овој притисок, повторно ќе го отвориме и делот од интерното одделение кој и претходно го користевме, посочи докторот. Потсети дека вчера и денеска ќе бидат вакцинирани и преостанатите вработени во Општата болница, откако една група ја прими и втората доза од вакцината на „Фајзер“.
-Во овие два дена ќе се вакцинира и последната група вработени во нашата болница, а се работи за бројка од 70 здравствени работници. Претходно втората вакцина ја прими група од 50 вработени, а првата вакцина пред една седмица ја прими и втората група од 45 лица. Со нашата ревакцинација на 26 и 27 април во целост ќе заврши вакцинацијата на вработените во Општата болница во Кичево, додаде доктор Балажи.