Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) покрена иницијатива до Уставниот суд за утврдување на уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања, односно признавање на Ковид-19 како професионално заболување со цел секој работник да може да ги оствари своите права при евентуално заболување со вирусот.

Здружението бара од Уставниот суд да ја поништи постоечката одредба и да донесе нова со која секој работник кој работи на место каде има зголемен ризик од заразување со Ковид-19, да може да ги оствари своите уставно загарантираните права доколку се зарази со вирусот.

Во иницијативата до Уставниот суд, Здружението наведува дека професиите како полициски службеници, припадници на Армијата, вработени во детски градинки и во образованието, во домови за стари лица, службеници на шалтери и работници во малопродажба, се изоставени од оваа одредба со што се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користење на нивните права како работници.

– На тој начин секој вработен наместо сегашните 70 проценти, ќе може да оствари право на боледување со надомест во висина од 100 проценти од платата. Ваквиот пристап е многу важен особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин, посочува претседателот на Здружението, Милан Петковски.

Истовремено, Здружението покрена и иницијатива за признавање на Ковид-19 како несреќа на работа доколку некој се зарази на работното место.

– Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста Ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работната способност (пост ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести, наведува Здруежнието.

Укажува и дека работниците кои прележале Ковид-19 потребно е по враќањето на работа, да се упатат на медицински прегледи за да се преоцени нивната работоспособност по болеста.

Првата ваква иницијатива, МЗЗПР ја достави до Владата и надлежните институции на 14 мај лани. Досега, поддршка за иницијативата има од Конфедерацијата на слободни синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија и здруженија на граѓани од областа на трудовото право.


Администратор
07/04/2021 13:24