Професорот Дејан Трајковски кој за време на целата ковид криза ги предвидуваше движењата на епидемиолошката крива, сега прогнозира уште полошо сценарио од моменталното. Според него мерките се задоцнети, а цената за тоа ја плаќаме со жртви. Возрасните граници изгледа станаа минато, откако вчера почина 19-годишна девојка од Битола.

-Сосема очекувано е дека врвот на умирањето ќе биде достигнат најмалку десет дена после врвот на заразувањето, значи некаде најрано околу 15-ти Април. Моментално е просечниот број на починати дневно 42, максимумот веројатно нема да достигне или ќе биде блиску до 50 во просек, со одредени инцидентни вредности и до 60. Се разбира дека немаше да стигнеме до овие високи нивоа на дневно заразување доколку мерките беа воведени уште пред еден до два месеци, во тој случај врвот ќе беше понизок, ќе беше додуша и поразвлечен на подолг временски период, меѓутоа притисокот врз болниците немаше да биде ваков како што е сега, вели универзитетскиот професот за Алфа.

Според Трајковски, најлошото допрва доаѓа за Битола, каде пикот на вирусот се очекува во следните денови.

-Уште неколку дена ќе имаме константен број на новодијагностицирани пациенти, се разбира со малку повисоки вредности во среда и во сабота, а потоа тој број ќе почне да се намалува. Иако врвот на дијагностицирани е достигна, бројот на активни случаи не е, тој ќе продолжи да се искачува уште неколку дена, заедно со него и бројот на хоспитализирани, додава Трајковски.