ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг-Битола фомирано за изработка на урбанистичко-планска документација и урбанистичко проектна документација во минатата година изработи 42 документации чија вкупна вредност изнесува 3,6 милиони денари.
Според извештајот на претпријатието, во првиот квартал од минатата година изработени се шест документи меѓу кои и основниот проект за организирање на зонско паркирање на определени јавни површини, а во вториот годишен квартал успешно е завршен проектот за сообраќајна и комунална инфраструктура за улицата „Довлеџик“ на потегот од улицата „Васко Карангелески“ до мостот на реката Драгор.
Тимот на ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг-Битола во целост изработи проекти и елаборати кои директно придонесуваат во заштитата на животната средина и грижа за здравјето на луѓето, како и посебни програми за поставување урбана опрема – детски играчки на јавни површини на подрачјето на Општина Битола.
Во третиот квартал од 2020 година доминираат проекти и елаборати за реконструкција на коловози во градот и населените места, реконструкција на пешачка патека на Тумбе Кафе, како и конзерваторски проект за партерно уредување на битолскиот Офицерски дом.