Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за наводно „перење пари“ и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувалници.

-Податоци за играчите во обложувалниците се земаат за да се задржи данокот на личен доход во висина од 15 отсто од сите добитни тикети. Овие податоци се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплаќаат на дневно ниво во државната каса. Обложувалниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка, спортските обложувалници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од тоа, пишува во реакцијата.

АСОМ дополнува дека личните податоци на играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до нив пристап има само обучен кадар кој работи согласно посебни протоколи и согласно позитивните законски прописи за Заштита на лични податоци.

-Податоци за играчите во обложувалниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци, според Законот за личен доход. Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување на исплата на тикет, напоменува Асоцијацијата.

Според АСОМ, ДКСК во изјавата неосновано спомнува „перење пари“ без никакво образложение.

– Нагласуваме дека не може да постои „перење пари“ доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход. Обложувалниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информациски систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Покрај на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР) до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Согласно ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувалниците без можности за грешки, појаснува Асоцијацијата.

АСОМ со жалење констатира дека ваквите информации ја доведуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка.

-Ги повикуваме институциите на системот во целост да ги истражат отворените сомнежи, пред сé во интерес на спортските обложувалници кои работат согласно сите законски прописи во државата и немаат апсолутно никаков интерес од какви било финансиски малверзации и/или злоупотреба на лични податоци, наведува Асоцијацијата и воедно информира дека игрите на среќа учествуваат со четири проценти во БДП на државата, придонесуваат со над 250 милиони евра во државниот буџет, а целата стопанска гранка директно вработува повеќе од 8.000 луѓе кои поддржуваат речиси 54.000 вработувања во други стопански гранки.


Администратор
09/04/2021 22:14