Фирмата „Виторија фруит” од Гевгелија, со финаниска подршка на програмата за зголемување на пазарната вработливост, прва во земјава воведе производство под најлонска покривка која по употребата може да се рециклира со што се штити и здравата животна средина.

-Нашата фирма прва во земјава имплементира производство на грозје под покриени насади со најлон од кое очекуваме повеќе придобивки како порано зреење на грозјето и продолжување на сезоната за берба со што пазарната присутност на нашето грозје на европските пазари ќе биде на рамниште со производителите од Италија, Шпанија и Грција, изјави Иван Шуклев, комерцијален директор кој нагласи дека поранетиот старт на бербата на грозјето ќе овозможи и нови вработувања во „Виторија Фруит”.

Покрај тоа, велат од фирмата, производството под најлон ќе го зголеми квалитетот на грозјето поради можноста за поголема контрола на шеќерите, заштита на плодот од сончеви дамки и подобар изглед на зрното.

-Се надеваме дека нашата упешна приказна ќе инспирира и други производители на грозје од земјава да имплементираат ваква пракса, истакнуваат од „Виторија Фруит”.

Проектот за зголемување на пазарната вработливост во Северна Македонија трае 11 години и има вкупен буџет од 15,5 милиони швајцарски франци што ги обезбедува Швајцарската агенција за развој и соработка.