Несовесни посетители, кои викендов масовно го посетиле локалитетот „Влашки колиби“ кај езерото Мантово во општина Конче, искршиле дел од опремата и зад себе оставиле купишта ѓубре.
Според градоначалникот на оваа општина, Благој Илиев, не е причинета голема материјална штета, но оставена е грда слика на овој туристички локалитет, подигнат со европски и пари од општинскиот буџет.
-Затекнавме купишта отпад, но и демолирани клупи за одмор, корпи за отпад и елементи за подготовка на скара. Денес сме на овој простор и во текот на денешниот ден ќе ја поправиме оградата и ќе поставиме камери. Се надевам дека ова ќе биде последно вандалско однесување на граѓаните, а ние во наредниот период ќе го зголемиме надзорот, рече градоначалникот Илиев.
Уредувањето на излетничкото место кај езерото Мантово општина Конче го реализираше во партнерство со бугарската општина Ќустендил во рамки на проектот „Заедничка одржлива иднина-подобрување на туристичкиот потенцијал на општините Ќустендил и Конче“.