Општина Охрид моментно врши реконструкција на три важни улици од витално значење за нормално одвивање на сообраќајот во градот.

Стартуваше поставувањето на првиот асфалтен слој на улицата „Абас Емин“, на потегот од крстосницата со улицата „Охридска бригада“ кон крстосницата со улица „Железничка“. Таму веќе се завршени активностите за поставување на целокупната подземна инфраструктура, и се поставени нови рабници.

Во рамки на проектот се работи на поставување на цевководите од главната линија на атмосферската, фекалната и водоводната мрежа и се врши поединечно приклучување на домаќинствата. Целосната реконструкција на улицата „Абас Емин“ е предвидено да заврши пред почетокот на годинешната летна сезона.

Во тек се и градежни активности за реконструкција на преостанатиот дел од улицата „15 Корпус“, таму се работи и во ноќните часови за да се избегнат поголеми прекини во одвивањето на сообраќајот. Моментално се работи на површинскиот слој од коловозот, а претходно се вршеше асфалтирање и уредување на тротоарите, поставена е нова атмосферска канализација и се работеше на нови приклучоци на водоводната линија. Градежните зафати на сообраќајницата што е доста фреквентна оттаму што се работи за излез од Охрид кон индустриската зона, кон повеќе населени приградски населби како и излез на магистралниот пат А3 во насока кон Ресен и Битола се очекува да бидат завршени некаде до крајот на идниот месец.

Истовремено се работи и на реконструкција на улицата „Јане Сандански“, на потегот од поранешен „Мини маркет“ до Градската болница. Според најавите посочени пред почетокот на активностите, предвидена е целосна реконструкција на коловозот, во тек е замена на дотраената и опасна по здравјето азбестната водоводна линија, а во рамки на целиот зафат ќе биде заменет и дрворедот. аб/лв/