По повод 30 години јубилеј на „Макпрогрес“ од Виница и 20-годишнината СОС Детско село, „Макпрогрес“ се одлучи оваа година да ја зајакне својата поддршка преку иницирање на хуманитарна кампања „Растеме заедно за детство со насмевки” преку која со секое купување на производот „Кејк“ од „Винчини“ се донираат по пет денари, при што целата донација ќе биде наменета за децата и младите без родителска грижа, соопштија од СОС Детско село.
Од таму додават дека производите на „Винчини“ со хуманитарна ознака веќе се дистрибуирани низ продажните места во секој град и се достапни на нашите граѓани да можат да уживаат во вкусовите на производот, но и истовремено да се збогатат со чувството на радост и гордост и лична сатисфакција што помагаат на тие што најмногу им треба.
Маркетинг менаџерот на „Винчини“, Маја Цветанова изјави дека општествената одговорност на оваа компанија од секогаш била дел од стратешкото планирање и секоја година внесуваат нови иницијативи за помош на општеството.
– Долгорочната соработка и поддршка кон СОС Детско село не инспирираше во креирање на ваква кампања во која ќе можеме да ги вклучиме и нашите потрошувачи да бидат дел од компаниската гордост. Посебно оваа година во која поради негативните ефекти од светската пандемија сите ние и како индивидуи и како компании треба да ја покажеме солидарноста и емпатијата посебно кон најранливите – децата без родителска грижа – изјави Цветанова.
Националната директорка на СОС Детско Село, Јулијана Накова Гапо нагласи дека се горди и благодарни што имаат стратешки партнер како „Макпрогрес“, кој низ годините несебично ја помага нивната работа.
– Ги повикуваме сите граѓани да се вклучат во кампањата со купување на производот „Кејк“ од „Винчини“ и на тој начин ќе ја поддржат кампањата и да донираат за СОС Детско село. Индивидуалната одговорност на секој од нас е многу важна за општеството. Тоа е можност секој поединец да споделува вредности со хумана мисија и да овозможува остварување на нивните цели. А наша цел е Топол дом и грижа за секое дете – додаде Накова Гапо.