Иницијативите за заштитата на животната средина, како и прашањата поврзани со православието и со грчката дијаспора, биле дел од темите, според министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, за кои разговарал со вселенскиот патријарх Вартоломеј на нивната денешна средба во Истанбул, јави дописничката на МИА од Атина.

-Од голем интерес за нас во Министерството за надворешни работи се иницијативите на патријархот за особено чувствителните прашања, како на пример, прашањата за заштита на животната средина, за кои Вселенскиот престол има развиено голема глобална активност. Ќе имам можност за овие теми да разговарам со него,а секако и за прашањата што се однесуваат на православието, на грчката дијаспора тука во Истанбул и други прашања од заеднички интерес, рече Дендиас за време на средбата со Вартоломеј.