Во рамки на неговата предизборна кампања, лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, кој е во трка за пратенички мандат во округот Корча, остварува средби со Македонците во општина Пустец, барајќи ја нивната поддршка.

Тој е придружуван од градоначалникот на Општината, Пали Колефски, а средбите, поради пандемијата, се реализираат според препораките на Комитетот на експерти, што подразбира забрана на групирања и собири на повеќе од десет лица.

По средбите со жителите во неколку населени места, Стерјовски во Пустец се сретна со просветните работници од училиштето „Трајан Ѓеорѓиовски и Митре Колефски" каде заедно со Колефски разговараа околу образовниот процес во општината.

-Го посетивме и училиштето каде при крај се градежните работи за инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката на ова заедничко, основно и средно училиште, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик. Инфраструктурното уредување на училишниот двор се реализира со донација на Владата на Република Македонија обезбедена од македонски компании, рече Стерјовски.

Додава дека минатата година училишниот објект бил реновиран со поддршка на Владата на Република Албанија, како резултат на заклучоците од заедничката седница на македонската и албанската влада што се одржа во Поградец во 2018 година.

-Реновирањето на заедничкото основно и средно училиште во Пустец од страна на албанската влада и инфраструктурното уредување на училишниот двор на истото училиште од страна на македонската влада е симбол на одличните меѓусоседски односи помеѓу Албанија и Македонија, оценува Стерјовски.

Бара подршка за кандидатската листа на Социјалиситичката партија на актуелниот премиер Еди Рама, на која се наоѓа и неговото име.

-Јас сум претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, ја претставувам македонската заедница и секако е вреднување за нас вклучувањето во листата на Социјалистичката партија, рече деновиве тој во гостување во телевизиска емисија.

Очекува масовна подршка за СП која е на 12 место на гласачкото ливче, како и за него кој се наоѓа на 12 место на кандидатската листа на партијата.