Рускиот амбасадор во Северна Кореја, Александар Мацегора изјави денеска дека животот во таа земја е моментно тежок, но нема глад и наскоро може да се очекува продолжување на некои прекугранични испораки.

Мацегора, еден од ретките дипломати во Пјонгјанг, го истакна тоа коментирајќи ја изјавата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун дека земјата се соочува со најлошата ситуација досега.

Според рускиот амбасадор, моментната ситуација не може да се спореди со најтежок период кој Ким го споменува, потврдувајќи дека во земјата нема глад.

Мацегора, исто така, додаде дека увезената стока практично исчезнала од полиците на продавниците, но повеќето домашни производи сè уште се достапни, а цените се зголемиле само умерено.

Тој изјави дека Северна Кореја во моментов гради големи комплекси за дезинфекција кои ќе бидат готови до крајот на овој месец, по што протокот на стока треба да продолжи, додека нормализирањето на прекуграничниот патнички сообраќај, според него, се очекува откако пандемијата на коронавирусот ќе се реши на глобално ниво.


Администратор
15/04/2021 15:46