Штипската Клиничка болница набави нов апарат за одделот за хирургија. Инвестицијата е над два милиони денари.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека и во време на пандемија, инвестираат во останатите оддели.
-Неизостанаа и набавките што треба да придонесат за поквалитетна здравствена услуга во Клиничка болница-Штип. Денеска го набавивме овој апарат и и ќе го користат хирурзите за побрза и побезбедна хирургија, ќе го користат уролозите. Така што еден ден ќе заврши оваа пандемија со корона и ние ќе се вратиме на оние патеки, на кои бевме претходно и Клиничка болница-Штип мора да остане лидер на здравство во Источна Македонија, вели Ѓеорѓијев.
Најави дека во тек се и уште неколку тендерски постапки за набавки на апарати, но и сервисирање на старите. Одделот за Патологија ќе добие два нови апарати, потоа Рендген и Дијагностика ќе добијат нов ехо апарат со додаток, кој ќе се користи за земање на биопсија на пациентите, а ваков апарат досега и немале.
-Ние веќе завршивме со обуката на двајца наши лекари од одделот за радиодијагностика. Тие веќе се спремни да го работат тоа. Во наредните месец два ќе успееме да направиме и нова конзола на компјутерската томографија. Вие знаете дека таа ни е преоптеретена, буквално нема ден да не имаме помалку од 50 снимања на компјутерската томографија, со што ќе го продолжиме и векот на цевката, ќе добиеме поквалитетна слика и побрза изработка и помало зрачење, вели Ѓеорѓијев.
Штипската Клиничка болница ќе се поднови и со индустриски машини за перење и сушење, со што ќе се подобри и техничката служба. Набавките и инвестициите во новата апаратура е од сопствениот буџет на болницата. Ѓеорѓијев посочи дека во изминатите години лекарите и раководителите кои барале нови апарати се набавени, со цел да имаат посовремени услови за работа и дијагностика.