Домот на културата во Македонски Брод годинава планира четири проекти кои се поддржани од Министертството за култура со Годишната програма за 2021 година, во вкупен износ од 175.000 денари.
Директорката на Домот на културата Милена Стојческа изјави дека средствата се наменети за манифестацијата „Велигденски кули“, за ликовни изложби, јубилејот на Културно-уметничкото друштво од градот и за збогатување и водење на библиотечниот фонд во градската библиотека.
-За оваа календарска година од Министерството за култура поддржани се четири проекти што треба да бидат реализирани од Домот на културата во Македонски Брод. Најмногу средства, 80.000 денари, се наменети за традиционалната манифестација Велигденски кули“, на која традиционално се присутни голем број гости од земјава и од странство, рече Стојческа.
Вториот проект, кој е поддржан со 25.000 денари е преземање ликовни изложби од други установи од културата во земјава и кои ќе бидат претставени пред граѓаните на Македонски Брод. Најчесто се преземани ликовни изложби од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
– Третиот проект, поддржан со 50.000 денари, е јубилеј од 40 години на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод, а четвртиот, поддржан со 20.000 денари, е проектот за збогатување и водење на библиотечниот фонд во градската библиотека од нашиот град, истакна Стојческа.
Таа посочи дека покрај средствата што се обезбедени од Министерството за култура, со финансиски средства за овие и за други проекти се очекува да се вклучи и локалната самоуправа на Македонски Брод, што досега беше и редовна практика.