Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден ѝ порача на косовската претседателка Вјоса Османи дека го поддржува продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија,што треба да се финализира со меѓусебно признавање на двете држави, но смета дека во тој процес се потребни компромиси.
Во писмото до Османи, што нејзиниот кабинет го дистрибуира денеска до приштинските медиуми, Бајден вели дека САД ќе ги поддржат напорите за постигнување траен мир меѓу двете држави.
„САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за постигнување траен мир преку продуктивен дијалог меѓу Косово и Србија и конечен сеопфатен договор за нормализација, што веруваме дека ќе се финализира со меѓусебно признавање“, пишува Бајден.
Според американскиот претседател, нормализацијата на односите со Србија е од суштинско значење за Косово „за да го реализира својот потенцијал за интеграција во евроатлантските структури“.
„Знам дека за да се постигне тоа се потребни флексибилност и тешки компромиси и на тој пат Соединетите Држави ќе бидат ваш партнер во секој чекор“, порача Бајден.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Бајден во писмото ѝ честита на Османи за неодамнешниот избор на чело на државата и воедно ветува дека ќе го помогне Косово во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Тој вели дека неговата администрација ги разгледува и опциите за помагање на партнерите на САД со вакцини.
„Приоритет на мојата администрација е да работи со партнерите со цел мобилизација во борбата со пандемијата. САД придонесоа со четири милијарди долари во ГАВИ за да ја помогнат програмата Ковакс за да се снабдат со сигурни и ефикасни вакцини државите кои имаат потреба од нив и ме радува тоа што Косово почна да го добива својот контингент од Ковакс. Додека го зголемуваме снабдувањето со вакцини тука во САД, ги разгледуваме и опциите за да работиме со партнерите за споделување колку што можеме. Мојот тим ќе биде во контакт со вас додека се одвиваат овие напори, пишува Бајден.
Тој во писмото потсетува и дека „семејството Бајден е лично поврзано“ со Косово, со оглед дека неговиот сега покоен син, Бо, служеше во меѓународните мировни мисии во таа земја по војната во 1999 година.