Здружението на граѓани „Еко Логик“ во соработка со Институтот за комуникациски студии денеска организира онлајн настан „Што може да направиме денес, за да ја зачуваме Брегалница за во иднина?“.
Онлајн настанот е во рамки на кампањата „Разбистри сè“ и ќе се одржи на платформата Зум. На тој начин Здружението ќе го одбележи Денот на планетата Земја – 22 април. Во фокусот на годинешното одбележување на Денот на планетата се природните процеси, растечките зелени технологии и иновативното размислување за обновување на екосистемите во светот.
Како што најавува организаторот, ќе бидат претставени најдобрите решенија за подобрување на состојбата на Брегалничкиот слив од средношколскиот натпревар „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“. Преку виртуелна прошетка низ Едукативниот центар Негрево учесниците ќе се запознаат со уникатни видови птици, инсекти, растенија и живеалишта кои се специфични за овој регион и чиј опстанок зависи од реката Брегалница.
Според најновиот извештај од Институтот за светски ресурси, земјава е меѓу државите кои се под исклучително висок ризик да останат без вода или со малку вода во 2040 година. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата.