Во 1825 година битолската поштенска служба за доставување на пратки користела пајтони кои ги поседувало здружение на пајтонџии од тој град.
Во книга на Милош Хр. Константинов (1926-1993) се посочува дека помасовното производство на пајтони во Битола почнува кон крајот на 19. век кога се регистрирани вкупно 20 пајтони, и кои се користеле како најбрзо превозно средство. Своите патници најчесто ги чекале на Дембел Чаршија, податок кој е видлив од фотографијата презентирана во книгата „Битола низ стари разгледници" од Димче Најдов.
Здружени во групи со претходно договорени и распределени релации, некои битолски пајтонџии организирале превоз до Корча, други за Прилеп и Скопје, а трети преку Лерин за Солун. На овој принцип била организирана битолската поштенска служба која во 1825 и 1826 година одржувала редовни релации за разнесување поштенски пратки до Лерин, Прилеп, Охрид, Кичево и Корча. Во текот на 19. век, краток период во Битола имало и приватни поштари т.е. саиџии (саиџија-турски: поштар) кои од населба до населба разнесувале разновидни пратки, нагласено е во книгата на Милош Хр. Константинов „Занаети и еснафи од Битола и околијата" издадена од битолското Научно друштво во 1961 година.
Вработените во битолската Пошта заедно со колегите од земјава денес го одбележуваат 22. Април денот на македонските поштенски работници.