Фабриката за рециклирање хартија „Пејпар мил“ од Кочани ја почнува третата фаза за изградба на сопствена пречистителна станица за отпадната вода, за што досега се инвестирани 450 илјади евра.
Од менаџментот на компанијата истакнуваат дека за оваа фаза веќе е избран изведувач – компанијата ARC WATER TREATMENT TECHNOLOGIES од Турција, а по проектирањето на инсталациите ќе почне работата на терен.
Според изготвениот елаборат, суспендираните материи ќе имаат значително подобрување, односно повеќе од двојно од дозволените граници, а параметрите за биохемиска потреба од кислород – БПК5 и ХПК ќе се подобрат за три пати.
-Неопходно е да се рестартира процесот на рециклирање и производство на хартија за да ги почнеме активностите за имплементација на системите за прочистителната станица од третата и последна фаза. Целосно завршување на станицата го планираме во текот на оваа година. Токму денеска, одбележувајќи го Светскиот ден на планетата, ја потенцираме нашата посветеност кон унапредување на процесите и целосна заштита на сите сегменти на природната средина и на заедницата во која работиме и живееме, истакна Јулијан Даскалов, генерален директор на „Пејпар мил“.
Изградбата на пречистителната станица за вода е почната кон крајот на 2017 година, според елаборат изработен од реномирана консултантска компанија и истиот е одобрен од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта е да се постигнат карактеристики на основните параметри на отпадната вода што ќе бидат значително под дозволените граници и блиски до карактеристиките на водата која влегува во самиот процес. При тоа, за повеќе од 60 отсто ќе се намали потрошувачката на техничка вода за потребите на производството.