Здружението „Патфајндерс“ реализираше акција за чистење на просторот зад старата гимназија во Берово. Претседателот на здружението Горан Механџиски информираше дека вакви активности се планираат еднаш неделно во рамки на работната недела.

-Секоја недела во работните денови ќе правиме работна акција за расчистување на парковите, расчистување на кејот, пошто сега поради периодов што е со короната, се повеќе луѓе доаѓаат во парковите, по кејот на прошетки и оставаат многу ѓубре позади себе, што значи дека свеста е на многу ниско ниво. Може да видите дека отпадоци се оставаат буквално секаде, вели Механџиски.

Ситуацијата со отпадот како што додавa е сериозна и на Беровско Езеро, каде според Механџиски не се води доволно грижа за навремено собирање на отпадот.

-Тоа е работа на комуналното претпријатие и јас разбирам дека не можат да средат се, но според мене нивните активности некако се на ниско ниво. Еве ова е наша втора акција, а кантите пак се неисфрлени, исто како и горе на езерото каде корпите често знаат да бидат неисчистени. Во тој поглед имаме серизона ситуација, додава претседателот на „Патфајндерс“.

Апелираше на зголемување на свеста за чистата животна средина, како од страна на самите граѓани, така и од страна на надлежните.

-Убаво е што се собираме по паркови, после години парковите повторно се активираат, но малку повеќе да се обрне внимание на оставањето отпадоци. Еве класичен пример овде на злеленилото влегувал трактор со товарна приколка, нека ми објасни некој зошто. Затоа апелирам на поголема свест за јавна чистота, дополни Механџиски.

Берово како туристички град има огромен потенцијал, но како што додадоа од „Патфајндерс“ истиот не е искористен доволно. Засега здружението се одржува со самофинансирање и за кратко време од своето постоење реализираше повеќе активности за промоција на Малешевијата.