Технички сме веќе подготвени, кадровски се доекипираме и ние, како Здравствен дом и Клиничка болница-Штип заедно учествуваме со персонал.

Медицински сестри, лекари, студенти од Факултети за медицински науки и информатика при универзитетот „Гоце Делчев", волонтери на ОО Црвен Крст и вработени во штипските јавни претпријатија денеска имаа симулација на имунизација во салата „Јордан Мијалков", каде што ќе се вакцинираат граѓаните од штипскиот и струмичкиот регион.

Директорката на Здравствен дом во Штип, Снежана Трајковска вели дека вакциналниот пункт е опремен, набавени се и фрижидери за вакцините, а очекуваат по Велигден да стартува имунизацијата на населението од двата региони. Здравствениот дом и Клиничка болница-Штип обезбедуваат 80 отсто од здравствениот персонал, кој треба да работи во две смени.

-Технички сме веќе подготвени, кадровски се доекипираме и ние, како Здравствен дом и Клиничка болница-Штип заедно учествуваме со персонал. Мислам дека ќе има потреба од здравствен кадар од другите градови, а сега ќе се договориме колку и дали ќе доаѓаат од другите градови. Засега над 80 посто од персонал имаме, се е подготвено и чекаме да пристигнат вакцините, вели Трајковска.

Забележа дека дневно во вакционалниот пункт во Штип ќе можат да се имунизираат од 1.000 до 2.000 граѓани од двата региони. Обуките на медицинскисте сестри за аплицирање на вакцините „Фајзер" се завршени. Најави дека се чекаат вакцините, по што ќе почне и закажување за вакцинација на „Мој термин" од страна на матичните лекари. Во процесот на имунизација ќе бидат вклучени вкупно 50 медицински сестри, осум лекари, 16 администратори и волонтери на Црвен Крст.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во реализација на масовната вакцинација партиципираат со 22 медицински сестри, како и со потребните медицински апарати, кои се потребни на пунктот.

-Се надевам дека од почетокот на наредната недела, кога ќе почне имунизацијата да бидеме 100 проценти подготвени, за да непречено тече имунизацијата, вели Ѓеорѓијев.