Кошаркарките на Вардар кои се победнички во последните три изданија на македонскиот Куп, во полуфиналето од Куп 2021 „Благоја Георгиевски Буштур“ ќе се сретнат со Баскет Кам 2011.
Тренерот на „Вардарки“, Јелена Антиќ очекува неизвесен натпревар и пласман во финалето.
– Девојките се залагаат максимално и во последниот месец покажаа многу добра игра што ме радува. На првиот натпревар против Баскет Кам можам да кажам дека можеби имаат повеќе искуство на нивна страна со новите засилување, но од друга страна важно е да се знае дека не секогаш искуството победува. Мислам дека екипите што ќе покажат најмногу срце и залагање на теренот ќе победат, изјави Антиќ на денешната заедничка прес-конференција.
За Баскет Кам 2011, самиот пласман на завршниот турнир е успех, вели тренерот Јордан Цветановски.
– Со самото учество на овој турнир ние ја постигнавме својата цел и им овозможивме на нашите играчи да го покажат својот квалитет во битка со најдобрите екипи од државата. Нашата екипа е подготвена и со вистински пристап кон играта и со квалитетот кој што го поседуваме, очекуваме добри резултати, истакна Цветановски.
Во другото полуфинале ќе играат Крива Паланка и Бадел.
– Нашата цел прво е пласман во финалето, а пред да се стигне до таму мора да се изигра полуфинале со Крива Паланка. Ќе сториме се да влеземе во тоа финале, ќе се подготвиме колку што имаме уште два-три дена и ќе дадеме се од себе. Во финалето се е можно. Посакувам најдобрата екипа да го освои пехарот, истакна Перо Стамевски, тренер на Бадел.
Ирена Белешковска, технички раководител на КК Крива Паланка посакува изненадување против фаворизираните „Баделки“.
– Горди сме што сме дел од големата четворка со која дојдовме со млади играчи со просечна возраст од 15 години, како и двете засилувања Марија Петровиќ и Милена Марјановиќ, како и во стручниот штаб со господинот Слаѓан Ивиќ. Успеавме за месец, месец и половина да направиме компактност и тим којшто со срце се движеше од натпревар во натпревар. Така ќе настапиме и во Купот. Се надевам дека ќе продолжиме да изненадуваме и понатаму.
Четирите екипи ќе си ги одмерат силите во полуфиналните дуели в петок, а победниците од овие дуели ќе се пресметаат и ден подоцна во рамки на финалниот дуел. Сите натпревари ќе бидат одиграни во СРЦ „Кале“ (голема сала).