По трговскиот центар Променада во Нови Сад, од денеска граѓаните вакцината против Ковид-19 можат да ја примаат и во трговскиот центар „Ушче“ во Белград.

За граѓаните да бидат дополнително мотивирани за вакцинирање, оние кои ќе дојдат први на овој пункт за вакцинанација, денеска, утре и во сабота ќе бидат наградени. Обезбедени се ваучери во вредност од 3.000 динари (околу 1.500 денари) за шопинг за првите 100 лица кои денеска ќе бидат меѓу првите.

Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек за РТС изјави дека државата до секој поединец сака да ја приближи вакцината на лесно достапни места за вакцинација.

Според него, пунктот за вакцинација во трговскиот центар „Ушќе“ ќе биде отворен денеска од 9 до 20 часот, а утре од 12 до 20 часот.

-Сите вакцини се достапни на тој пункт, изјави Ѓерлек и додаде дека Белград се приближува до процентот од 50 отсто од граѓаните кои ја примиле втората доза.

-Ајде сите да покажеме одговорност заедно, со користењето на милионските дози вакцини што ги имаме и максимално да одговориме на масовната вакцинација и до летото да се вратиме во нормалниот живот, кажа Ѓерлек.

Епидемиологот Предраг Кон за РТС изјави дека не може да ги прејудицира одлуките на Кризниот штаб, кој заседава денеска, но најави дека сигурно ќе има отворања.

Треба да бидеме претпазливи, бидејќи штом се опуштиме, тоа може да се види за една недела, изјави Кон.

-Досега ги повикувавме старите лица да се вакцинираат, сега на ред се помладите. Затоа ги поканивме славните личности да почнат да се вакцинираат и да ги повикаат своите следбеници, што е многу важно, изјави Кон и додаде дека вакцинацијата во трговските центри е важна.

Тој потенцираше дека досега се дадени три милиони и 600.000 вакцини и дека никој нема трајна последица по вакцинацијата.