Во Крива Паланка се врши санација на коловозот и крпење дупки на дел од главната улица „Св.Јоаким Осоговски”.

Активностите се реализираат долж главната градска улица на делницата од клучката кај магистралниот пат А2, кај т.н. мотел до станицата за технички преглед на моторни возила на излезот од градот.

– Во оваа, прва фаза, ќе се санира главната улица, на целиот потег од влезот до излезот на градот. Во втора фаза продолжуваме со споредните улици и периферните делови на градот и платото на ул „Трета македонска ударна бригада”. Во третата фаза ќе биде опфатена улицата „Херој Карпош” во населба Бавчалак. Активностите се дел од годишната програма на Општина Крива Паланка за реконструкција и рехабилитација на градски и приградски улици и крпење ударни дупки со вкупен буџет од околу девет милиони денари, изјави градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Напоредно со реализација на третата етапа од програмата, ќе се изврши и обнова на постоечката хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.