За време на повеќедневната експедиција спроведена на почетокот на мај во општините Бујановац и Прешево, орнитолозите од Центарот за истражување на биодиверзитетот во Нови Сад и Природонаучниот музеј во Белград забележаа нов вид птици за Србија – долгоопашна страчка (Lanius nubicus), соопшти Центарот за истражување на биодиверзитетот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, вгнезден пар долгоопашни страчки е забележан и фотографиран во близина на границата со Македонија, на суви тревни падини со грмушки.
– Беше попладне и само што го завршувавме теренот кога ми се појави мала птица со неверојатно црно-бела боја. По кратко набљудување со двоглед, бев многу среќен затоа што ја препознав долгоопашната страчка. Нешто подоцна, забележавме и една женка, изјави Драженко Рајковиќ од Центарот за истражување на биодиверзитетот.
Долгоопашната страчка живее во медитеранските суви пасишта со грмушки и дрвја, на крајниот југоисток на Европа и делови на Блискиот Исток. Таа е преселница која ја минува зимата во областа на североисточна Африка. Целата светска популација е релативно мала, додека на Балканот овој вид е редок и слабо проучен и живее во делови на Македонија, Албанија, Бугарија и Грција.
-Ова е првпат овој вид да се забележи во Србија и со оглед на тоа што беа забележани неколку птици за време на периодот на гнездење, имаме причина да веруваме дека пронајдовме ново гнездо на птицата во нашата земја, заклучи Рајковиќ.
Покрај долгоопашната страчка за време на експедицијата, забележани се и други ретки и малубрoјни птици кои се вгнездуваат, како што се карпест врабец, црвено-грмушка, синокоса, што укажува на високата еколошка вредност на истражената област.