Од 72.000 во 2019 година, мигрантските бранови се намалија на околу 15.000 во 2020 година и само 2.500 во првите четири месеци од 2021 година, импресивно намалување кое мислам дека целосно се чувствува особено на островите во источниот дел од Егејското море, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на состанокот во Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На состанокот, Мицотакис се осврна и на намалениот број на центри за сместување на бегалци и мигранти, од 121 на 37, но и на прашањето со децата бегалци без придружба.
-Повеќе нема незаштитени деца напикани во џунгли од типот на Мориа на нашите острови, сите малолетни деца сега се сместени во хостели и секако со законска регулатива е укината мерката со која за жал децата бегалци без придружба ги држеше во полициските станици, истакна Мицотакис.
Грчкиот премиер објасни дека во мигрантското прашање, политиката на Владата се базира на шест точки: заштита на границите на копно и море, раздвојување на бегалците и економските мигранти, враќање на оние кои немаат право на меѓународна заштита, затворени и контролирани центри, транспарентност на невладините организации и правда во придобивките за оние што остануваат во земјата.