Претседателот на Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ) Валери Симеонов изјави за БНТ дека ги поканиле сите патриотски партии во земјата да преговараат за заеднички настап на предвремените парламентарни избори на 11 јули.
Според него, целта е да се обедини патриотскиот глас, бидејќи е срамно да нема патриоти во бугарското Национално собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Симеонов истакнал дека се одржани одделни разговори со секој од евентуалните партнери на НФСБ, „Волја“ на Веселин Марешки и „Преродба“ на Костадин Костадинов, која се смета за проруска партија. Но, партијата „Преродба“ одбила заеднички настап на изборите.
Патриотските партии во Бугарија имаат меѓу 350.000 и 600.000 поддржувачи.
Симеонов нагласи дека на изборите за 45. бугарско Национално собрание, партијата ВМРО на Красимир Каракачанов направила грешка сакајќи да се појави самостојно, што доведе до распаѓање на коалицијата. Сега се водат преговори со ВМРО, додаде Симеонов.
Тој смета дека идна коалиција со ГЕРБ не е возможна, ниту би била успешна, додавајќи дека „ГЕРБ има тенденција да ја намали својата поддршка“.
ВМРО денеска ќе го свика Извршниот комитет на кој ќе се дискутира за приоритетите за претстојните избори во Бугарија и ќе се донесе одлука во каква форма ќе се појави партијата на изборите на 11 јули.