Градежните работи на штипската Филтер станица, кои треба да овозможат да се приклучи на цевководот на хидросистемот „Злетовица" треба да завршат во јули, а потоа ќе следи фазата на поставување на современата опрема.
Директорот на ХС „Злетовица", Миле Илиевски вели дека во моментов на оваа филтер станица течат градежните работи, со што жителите на Штип ќе добијат современа фабрика за вода со ултрафилтрација на водата за пиење, која ќе се дистрибуира преку цевководот од зафатот на ХС „Злетовица". Планирано е до филтер станицата да пристигнуваат 300 литри во секунда вода за пиење, којашто ќе се преработува со ултрафилтрација и ќе се дистрибуира до домаќинствата.
-Моите информации се дека до крајот на септември би било да почне со пробна работа оваа нова филтер станица, додека за Општина Карбинци имаме две фази, од кои изградба на филтер станица и на цевковод со пристапен пат. Роковите за изградба се околу една година, изјави Илиевски.
Во моментот, водата за пиење од ХС „Злетовица" ја користат општините Пробиштип и Свети Николе. Владата во 2019-та година донесе одлука за дополнителни 6,5 милиони евра за адаптирање и изградба на нови филтер станици во Штип, Карбинци и Лозово, општините што треба да се приклучат на најсовремениот систем за водоснабдување ХС „Злетовица".