Централна банка на Албанија го корегираше очекуваниот процент на раст на економијата за годинава на 5,3 отсто наместо 4,9 отсто од претходно очекуваниот.
Врз овој оптимизам за попозитивен економски тек во земјата, според гувернерот Гент Сејко, влијание ќе имаат неколку фактори: многу подобрата туристичка сезона, раст на приватните инвестиции и потрошувачката.
Освен туризмот, додава тој, позитивен одраз врз заживување на економијата се очекува да има и градежниот сектор, кој бележел раст без оглед на пандемијата.
-Негативните ефекти од пандемијата почнаа да се намалуваат, но заживувањето на економијата сè уште не е целосно и ќе биде потребно време. Во вакви услови Централна банка одлучи да го продолжи, за три месеци, монетарниот стимул за неограничен пристап во ликвидноста за банките, изјави Сејко.
Последните проценки на Централна банка се речиси идентични со очекувањата на владата, која за годинава предвидува економски раст од 5,5 отсто.