За време на видеоконференциски разговор меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и министерот за култура проф. Велислав Минеков со генералната директорка на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) Одри Азуле стана јасно дека Софија ќе ја поддржи за втор мандат како генерален директор на УНЕСКО.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Бугарија високо ги цени напорите на Одри Азуле за реформа на УНЕСКО, дигитализирање на дел од културното и историско наследство и отворање на Организацијата за млади.

Претседателот Радев го истакна активното учество на Бугарија во проектите на Организацијата за зачувување на културно-историското наследство во земјата и за мисијата на УНЕСКО низ целиот свет. Според него, програмите на УНЕСКО им даваат можност на многу млади Бугари подобро да го запознаат своето минато, културните традиции и наследството на нивниот народ.

На средбата се дискутираше и за изгледите за продлабочување на одличното партнерство меѓу Бугарија и УНЕСКО во областа на образованието, науката и културата. Постигнувањата и искуството на Бугарија во откривањето и зачувувањето на историските и културните откритија во областа на подводната археологија, исто така, беа меѓу темите на разговорот меѓу претседателот Румен Радев и Одри Азуле.

Разговорот се одржа по повод 65-годишнината од пристапувањето на Бугарија во УНЕСКО.