По повод стогодишнината од раѓањето на великанот на на современата македонска култура, Блаже Конески, денеска во Занаетчискиот дом во Куманово беше промовиран зборникот „Навраќање кон Конески“ што го приредија Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист, и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист.

Градоначалникот Максим Димитриевски во обраќањето истакна дека е чест да биде составен дел од едно големо одбележување, не само на национално, туку е и на интернационално ниво.

– Денеска верувам дека останува силен белег на она што значи чиста македонска етногенеза – потврдување на македонското писмо, на македонскиот јазик, којшто сите ние, а и во иднина нашите деца и идни поколенија ќе го говорат. Сето тоа што беше создавано, уште поголема е честа што општина Куманово доби можност да го одбележи тој ден, рече Димитриевски.

Тој се заблагодари на приредувачите, истакнувајќи дека заедно, здружени, со заемно почитување меѓу сите кои живеат во Македонија може да се постигне уште повеќе.

Зборникот содржи избрани трудови на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот Конески, хронолошки претставени според времето на нивното објавување.

Рецензентот, проф. д-р Људмил Спасов, пак, за „Навраќање кон Конески“ истакнува: „Конески по еден повод истакна дека македонскиот јазикот и сè што е создадено на него е нашата-идеална татковина. Оваа книга е уште еден убав прилог кон неа“.

Во своето излагање Спасов истакна дека Коневски ги обединува сите граѓани, истакнувајќи дека зборникот опфаќа над 400 страници, опфаќајќи трудови на релевантни автори кои се собрани поради нивната антологиска вредност.

– Поезијата и прозата на Конески, неговите дела во областа на лингвистиката и науката за литературата како и есеите посветени на различни теми, не ни кажуваат само за македонската култура, туку и за културата, јазиците, уметничките творби на многу народи на Југоисточна Европа, рече Спасов, истакнувајќи дека Конески е светилник на современата култура на овие простори.

Вера Стојчевска – Антиќ, универзитетски професор, рече дека во оваа сала сите со гордост го истакнуваат името, неповторливо во нашата наука, но и во светот на Блаже Конески. Стаменов пак, се заблагодари на Димитриевски, на Фондацијата за култура што овозможиле да се појави зборникот.

На промоцијата ученици читаа поезија од Конески.