Граѓаните на Охрид денеска се сретнаа со нивните некогашни фудбалски идоли, поранешни играчи на големиот фудбалски клуб Црвена ѕвезда од Белград.

Легендите на фудбалот на поранешна Југославија – некогашните фудбалери на најтрофејниот клуб во СФРЈ како Караси, Боровница, Шестиќ, Ѓуровски, Милосављевиќ и многу други разговараа со охриѓани, со туристите, се фотографираа со нивните најверни навивачи.

Посетата на делегацијата на Црвена звезда во Охрид е на иницијатива на ветераните на ФК Охрид, кој оваа година одбележува стогодишнина од формирањето, а воедно е осмислена како можност за дружење на поранешните фудбалери на двата клуба.

Фудбалските легенди на Црвена ѕвеза воодушевени од Охрид и луѓето во Македонија.

Станислав Караси, играчот кој беше носител на играта на една генерација на Црвена ѕвезда, фудбалерот што ја однесе Југославија на Светското првенство во Аргентина, вели дека како да чувствува потреба да им се оддолжи на своите некогашни фанови, верни навивачи.

– Кога станува збор за играчите на Црвена ѕвезда, мотив секогаш постои, а нивна обврска, мислам тука и на нас ветераните е да одржуваме контакт со нашите навивачи. Ние ја сметаме Македонија како наша, знаеме дека македонците не сакаат, а тоа е и нашата обврска, да дојдеме да се среќаваме со луѓето во живо. Оваа ситуација сега со епидемијата како дополнително да придонесе луѓето уште повеќе да сакаат да се дружат, рече Караси.

Бошко Ѓуровски рече дека овие средби многу значат за фудбалерите, убаво е кога некои постари генерации имаат можност повторно да се меѓу граѓаните.

– Ветеранската секција на Црвена ѕвезда е доста активна и ангажирана, како во промоција на фудбалот генерално, но и како начин за зближување на луѓето, одржување на пријателските односи стекнати во минатото, рече Ѓуровски.

Тој позитивно се изјасни по информациите дека се заговара формирање некаква Балканска фудбалска лига, смета дека таа ќе придонесе за квалитет на фудбалот, посилни клубови што ќе се подготвени за настап на меѓународна фудбалска сцена.

– Читав изјави на Савичевиќ, Стојковиќ, дека се против некаква балканска фудбалска лига. Јас сметам дека здрава конкуренција ќе го подобри фудбалот, таква лига е потребна. Не може еден клуб, гигант како Вардар да испадне во втора лига. Тука треба и градот и државата да застане зад такви клубови што се сами по себе бренд, изјави тој.

Тридневната дружба на фудбалерите на двата клуба во Охрид ќе биде заокружена со ревијален пријателски натпревар на стадионот во Спортскиот центар „Билјанини извори" со почеток од 18 часот, во две полувремиња од по 30 минути.