Археолозите од штипскиот Музеј годинава нема да истражуваат на локалитетот Кале кај карбинското село Крупиште. Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов вели дека годинава од ресорното Министерство ќе се бараат средства за конзервација на она што е откриено лани на локалитет.

Кале е местото каде можеби е напишана првата словенска азбука, глаголицата. Штерјов вели дека ланските истражувања, што продолжија по четири децении открија нови докази дека тука имало голем епископски центар. Тоа оди во прилог дека Методиј овде, бил назначен за епископ, а според достапните пишани извори, неговиот брат Кирил таму ја напишал глаголицата и ја почнале својата најзначајна мисија –Моравската.

-Овде се откриени четири цркви и уникатна петокорабна катедрала чија изградба се лоцира во периодот од 4-ти до 10-и век, како и гробници. Годинава во јуни ќе побараме средства од Министерството за култура за конзервација на она што е откриено и да се заштити, вели Штерјов.

Доказите говорат дека тука имало населба од бронзено време, а бедемите на градот биле видиливи до крајот на Првата светска војна. Локалитетот се протега на осум хектари, засега не може да се постави сигнализација за туристите, бидејќи прво мора да се истражи.

Локалитетот кај селото Крупиште го откри академик Блага Алексова. Таа тврдеше дека токму на ова место бил обновен градот Равен, каде се изградил катедрален храм за моштите и реликвиите на петнаесетте тивериаполски маченици, со што била поставена основата на првата црковно-словенска организација на Балканот.