Во Крива Паланка синоќа на свечена академија во организација на средното општинско училиште „Ѓорче Петров” од Крива Паланка се одржа промоција на филмот за „60 години постоење” и на монографијата „СОУ Ѓорче Петров -училиште на 21 век”. Монографијата и филмот се подготвени по повод минатогодишниот голем јубилеј – 60 години постоење на училиштето.
Директорката на СОУ „Ѓорче Петров” Габриела Стаменковска истакна дека со овие два проекти оставаме трага зад нас за оние кои биле пред нас, но и за сите оние кои ќе дојдат по нас.
– Во нив се опфатени повеќе фази од растежот на училиштето, бидејќи велат, без да се знае минатото, не може да се разбере сегашноста, ниту да се проектира иднината. Голем дел од присутните на промоцијата го завршиле своето образование во нашето училиште, па токму затоа за миг, и во филмот и во монографијата се навраќаме во спомените од нашата младост, на деновите поминати во училиштето што вечно ќе живеат во нас. Поради тоа очекувам и природни изливи на емоции што не ќе останат незабележани. Искажувам благодарност до сите кои вредно и успешно работеа на реализацијата на двата проекти, им честитам на храброста, упорноста и темелноста што ги покажаа. Тие оставаат зад себе спомени за семето на мудроста што се сееше и за знаењето што несебично се даруваше во изминатите години. Со овие два проекти оставаме трага зад нас за оние кои биле пред нас, но и за сите оние кои ќе дојдат по нас, рече Стаменковска.
Во документарниот филм свое обраќање имаат 12 говорници: поранешни директори на училиштето, вториот директор на гимназијата Александар Јакимовски, директорката Марика Митевска и сегашната директорка Габриела Стаменковска, поранешни ученици, меѓу кои Тито Петковски од првата генерација ученици, Ненад Новковски и Љупчо Николовски, матуранти од 2020 година – јубилејната генерација, како и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Настанот се одржа на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај.