На Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани утре премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Кралот“ (The King), посветен на светски познатиот музичар од Кочани, Наат Велиов.
Филмот е дело на француската продуцентска куќа „Лумина“, а работен по сценарио на италијанските автори Мишел Гуриери и Мари Наполи.
Тие го претставуваат Велиов како композитор и крал на ромската труба, кој ја наследил својата круна од долгата низа ромски музичари од Балканот. Заедно со својот „Кочани оркестар“, музиката од родниот крај и од целиот регион ја има пренесено на безброј фестивали и настапи ширум светот.
-Со врвовите на прстите и со клиповите на неговата труба, тој меша култури, репертоари и музички стилови како никој пред него. Затоа светот му ги рашири рацете, се истакнува во писмената посвета од авторите на филмот.
Прикажувањето на филмот „Кралот“ се реализира со средства од Програмата за култура на Општина Кочани, а по иницијатива на кочанските уметници Ристе Ѓорѓиев и Орхан Ќамилов. Претставувањето на документарното остварување пред домашната публика е во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ и Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани.