Економските кризи што ја погодија Грција, а потоа и Италија, силно ги почувствуваа албанските семејства. Тоа е причината што имигрантите испраќаат се помалку пари дома на родителите што ги оставија или други свои блиски, констатира Топ чанел.
Според истиот извор овој тренд сè уште продолжува и тоа го потврдуваат и семејствата на иселениците, кои додаваат дека некои од нив дури ги вратиле своите семејства во татковината.
-Албанија е последна во регионот по обемот на пари испратени од иселениците, но ова само според официјалната статистика. Низ светот се 1,6 милиони иселеници кои им помагаат на една четвртина од албанските семејства со приходите што ги добиваат од својата работа или бизнис, додава телевизијата повикувајќи се податоци на Централна банка на Албанија.
Спорд банката во текот на изминатата година, поточно со почетокот на пандемијата биле формализирани многу дознаки заради ограничувањата, што довело до зголемување на регистрираната вредност, но според обемот, сепак Албанија останува последна во регионот по дознаките од иселениците.
-Парите што ги испраќаат емигрантите по вредност се повисоки од странските инвестиции или извозот на албански производи. Дел од нив минуваат низ банки, додека останатите не се декларирани, бидејќи парите се носат нелегално во Албанија. За време на пандемијата имаше зголемување на парите донесени од емигрантите, но тоа се објаснува само со нивната неможност физички да дојдат кај семејството од пандемијата, па парите беа испраќани преку банки, наведува телевизијата.
Централна банка на Албанија посочува дека во текот на 2019 година 1.680.000 емигранти дома испратиле 1,32 милјарди евра, додека лани дознаките биле поголеми односно 1,4 милјарди евра.