Во населеното место Миладиновци интензивно се работи на изградба на нов колекторски систем за прифаќање на отпадните фекални води во должина од 900 метри од левата страна на Сува Река на кој досега се поставени 32 шахти.

Како што информираат од Општина Илинден, колекторскиот систем е дел од капиталниот проект за Изградба на фекална канализација и пречистителни станици и со него ќе бидат опфатени 125 домаќинства. Ќе ги одведува отпадните фекални води до новоизградената пречистителна станица со капацитет од 1.250 еквивалент/жители.

-На веќе изградениот колекторски систем од десната страна на Сува Река приклучени се 102 домаќинства, како и основното училиште ,,Браќа Миладиновци", новата детска градинка, амбулантата и поштата. Предвидено е да се реализираат над 300 приклучоци, при што покрај домаќинствата кои ги испуштаат отпадните води во отворените реципиенти, ќе се изврши приклучување и на домаќинствата кои во моментов користат септички јами, велат од општината.

Изградбата на пречистителната станица во Миладиновци, додаваат, се реализираше во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а вкупната инвестиција изнесува 11 милиони денари, од кои 9 милиони се обезбедени од буџетот на општина Илинден, а два од Министерството.

-Со изградбата на оваа пречистителна станица се овозможува прочистување и третман на отпадните фекални води од сите домаќинства од населеното место Миладиновци. Реализација на овој проект ќе се придонесе за подобрување на животната средина, како и подобрување на водите во Сува Река, ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните и условите за побрз економски, социјален и рамномерен развој на општина, порачуваат од локалната самоуправа.