Граѓаните на Србија кои прележале ковид-19 во претходните шест месеци, а после тоа не се вакцинирале, од денес можат да добијат дигитален зелен сертификат во кој има и податоци за позитивен тест, соопштија од Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација, јави дописникот на МИА од Белград.
Потврдата за прележана инфекција подразбира позитивен ПЦР или антиген тест направен во последните 180 дена, а условот е тестот да е извршен во една од државните здравствени установи пред најмалку четири недели, објаснија за порталот Н1 во Канцеларијата за ИТ.
-Нашиот сертификат содржи податоци за обете дози на вакцина, потоа за три теста, како и за фактот дека некој прележал ковид, но проблемот е што на ниво на СЗО, тоа сè уште не е стандардизирано. Затоа во моментов работиме на принципот на билатерално признавање на ваквите сертификати, и досега дигиталниот зелен сертификат е признат од Грција, Турција, Унгарија, Обединетите Арапски Емирати и Словенија. Очекуваме Европската комисија на почетокот на јуни да заземе официјален став за сè што е потребно да се содржи таквиот документ, нагласи директорот на ова владино тело, Михајло Јовановиќ.
Помошник директорката на Канцеларијата за ИТ и е-Управа Драгана Бечиќ кажа дека се разгледува како да им се овозможи на странските државјани кои биле вакцинирани во Србија, а немаат регистриран престој во Србија, да добијат дигитален зелен сертификат затоа што голем број од нив изразиле желба да го имаат, кажа Бечиќ.
Зборувајќи за безбедноста на дигиталниот зелен сертификат, таа посочи дека документот е направен според највисоките безбедносни стандарди.
Според Бечиќ, досега повеќе од 90.000 граѓани на Србија го имаат презедено дигиталниот зелен сертификат, а со оглед на тоа што се ближи сезоната на одмори, се очекува уште поголем интерес за добивање на тој електронски документ.
За да се добие дигитален зелен сертификат во Србија, потребно е граѓаните да бидат регистрирани на порталот за е-Управа.