По низата критики за недостаток на транспарентност или еднаквост во трката, партиската изборната комисија на опозициската Демократска партија го објави бројот на членови, како и правилата што ќе се следат на гласањето за нов лидер на 13 јуни.

Претседателот на комисијата Јемин Ѓана, во изјава за медиумите рече дека вкупно 75.067 членови треба да го остварат правото на глас, но, додаде дека имињата не може да бидат јавно објавени бидејќи тоа е забрането со закон.

-Во системот запишани се 75.067 членови. Нивните имиња забрането е со закон јавно да ги објавуваме. Сепак можна е една отстапка а тоа е дека може да се проверат само во присуство на четворицата претставници кои кандидати за нов претседател на партијата имаат право да ги одредат, рече тој.

Додаде дека во насока да се обезбеди транспарентност работата на секоја изборна комисија ќе ја набљудуваат лица одредени од четворицата кандидати во изборната трка.

– Комисиите се под надзор на претставниците на кандидатите. Поточно секоја комисија ќе има по три членови и четворица набљудувачи кои ги определуваат кандидатите. Имаме 71 општинска организација а во пет од нив, поради поголемиот број членови ќе има по две гласачи места, посочи Ѓана.

На 13 јуни довербата по трет пат ќе ја побара Љуљзим Баша, а по првпат во изборната трка се и Агрон Шехај, Фатбард Кадили и Едит Харџи, која е прва жена која се бори за лидерската функција.